Македонија и годинава, во новиот извештај „Слободата во светот 2020“ на меѓународната организација Фридом Хаус е рангирана како делумно слободна земја. Во него се наведува дека Северна Македонија има 63 поени од вкупно можните сто. Државата е сместена и во делот со најголемите отстапувања во 2019 година во однос на претходниот извештај за 2018 година. Од лани има добиено плус четири поени.
„Северна Македонија одржа компетитивни претседателски избори, помагајќи да се поправи антидемократското наследство на поранешниот премиер Никола Груевски“, се наведува во извештајот.
Како делумно слободни во извештајот се рангирани и Босна и Херцеговина со 53 поени, Косово со 56 поени, Црна Гора со 62 и Србија со 66 место. Од 195 држави кои се оценувани во извештајот, 83 се рангирани како слободни, 63 како делумно слободни и 49 како неслободни.
Меѓу најлошо рангирани во делот неслободни се Сирија со нула поени, Еритреја, Јужен Судан, Туркменистан, Северна Кореја, Саудиска Арабија, Сомалија, Либија, Таџикистан, Иран, Русија.
Во делот слободни, пак, од регионот се сместени Бугарија, Хрватска и Словенија со најмногу- 94 поени. Максималните сто поени ги имаат добиено три земји- Финска, Норвешка и Шведска. Високо рангирани се и Австралија, Белгија, Канада, Данска, Холандија, Јапонија, Уругвај.