МААЕ: Иран за тројно го зголемил збогатениот ураниум

Знамето на Иран пред седиштето на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ)

Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) соопшти дека Иран скоро за тројно ги зголемил залихите на збогатен ураниум во текот на изминатите три месеци што претставува остро кршење на нуклеарниот договор од 2015 година. Според агенцијата, се чини и дека Иран има непријавени три нуклеарни постројки. Од МААЕ притоа бараат појаснување од властите за овие постројки.

Иран го потпиша нуклеарниот договор со петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН плус Германија и Европската унија, но Соединетите држави го напуштија договорот во 2018 година и воведоа нови санкции против иранските власти.

Во Виена обиди за спас на иранскиот нуклеарен договор

Иранските власти тогаш соопштија дека повеќе немаат обврска да ги почитуваат условите од договорот. Но, би биле подготвени повторно целосно да ги почитуваат неговите одредби доколку Европа обезбеди „значајни“ економски придобивки. Техеран се пожали и дека Германија, Франција и Велика Британија не сториле доволно за да ја ублажат штетата што ја предизвикале санкциите на САД.

Во извештајот на МААЕ се наведува дека залихите на Иран со ниско збогатен ураниум достигнале 1.020.9 килограми, далеку над границата од 300 килограми дозволена во договорот.