Модниот стилист Сергеј Варошлија, сопственичка на оптика Марија Јанковска и сопственик на галерија Алекс Кртов, денеска сведочеа на судењето за случајот „Рекет“ како сведоци на одбраната. Тие зборуваа за тоа од каде и како се познаваат со обвинетиот Бојан Јовановски – Боки 13 и за неговиот стил на живот.
Варошлија, кој имаше своја емисија во телевизијата на Боки 13 сведочеше трет. Тој рече дека со Јовановски се познава повеќе од 15 години и на него често му подарувале гардероба оти важел за влијателен лик на Балканот. Во 1ТВ, стилистот рече дека бил вработен како заштитно лице, а добивал плата на сметка. Сопругата на сведокот во „Рекет“ Јордан Камчев, Ана Камчева му била клиентка, а Зоран Милевски веќе обвинет во случајот, прво го знаел од град, а потоа рече и интензивно кога почнал да се дружи со Јовановски.
„Доаѓаше во 1ТВ и дома кај Бојан Јовановски. Често одевме на вечери и ручеци. Еднаш има дојдено во телевизијата со Ана Камчева“, рече Варошлија.
Прва сведочеше сопственичката на оптика Марија Јанковска, која рече дека се знаат повеќе години со Боки 13 со кого соработувале и му давала очила како на позната личност за промоција на нејзината продавница. Вториот сведок Алекс Кртов, сопственик на галерија, рече дека Бојан Јовановски му бил клиент, дека има склучено договор реверс за слики кои се наоѓале во домат на Јовановски во Орман.
„Јас му предложив да ставиме некои уметнички слики да постојат некое време. Знаете во тоа време тој беше ѕвезда скопска и таму се вртеа еминентни луѓе“, изјави Кртов.
Судењето за „Рекет“ се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Васка Николовска-Масевска, а застапник на обвинението е Вилма Рускоска. На денешно рочиште требаше да бидат сослушани уште тројца сведоци, но Владимир Тодоровиќ, Дејан Панделески и Јовче Ременски беа повлечени од одбраната, а сведокот Лидија Јаневака доставила медицинска документација дека е под стрес и не може да сведочи.
Во случајот „Рекет“ обвинети се Јовановски и поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева.На првото рочишт, третообвинетиот Милевски призна вина и доби три години затвор. Според обвинението, тие се здружиле за да му земаат пари на бизнисменот Камчев, сведок во „Рекет“ во замена за олеснителни околности во предметот „Империја“ кој тогашното СЈО го водеше за него.