Франција со оптимизам гледа на извештајот на Европската комисија, како и на методологијата за проширување како охрабрувачка основа за донесување одлука за старт на преговорите на ЕУ со Северна Македонија, истакнал францускиот амбасадор Кристијан Тимоние на денешната средба со премиерот Оливер Спасовски, соопшти владината прес-служба.
Како што соопштија од таму на честитките за позитивниот мини извештај на Европската комисија за значителниот напредок на нашата земја, премиерот Спасовски посочил дека тој завршува со уште една препорака за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ и дека тоа е резултат на посветената работа и во периодот на актуелната Влада, во кој се затворија неколку важни реформски прашања, меѓу кои и пакетот закони за правосудството.
На средбата било потенцирано дека извештајот, заедно со новата методологија за проширување му дава на процесот на преговори и на пристапување кон членство во ЕУ кредибилност и претставува добра порака за регионот.
Европската Комисија вчера повторно препорача во пакетот за проширување за 2019 година, Советот да ги отвори преговорите за пристапување со Северна Македонија.