Претседателот Стево Пендаровски, кој денеска ги посети војниците кои ја обезбедуваат македонската граница со Грција, рече дека до овој момент нема никакво зголемување на бројот на мигранти на јужната граница, освен она што е вообичаено за овој период од годината, ниту пак има, како што рече, назнаки за некаков бран кој деновиве ќе оди кон нашата територија.
„Што се однесува до нас, ние сме дел од еден поширок низ на држави кои мора да бидат подготвени, па макар како транзитна држава. Искуството од 2015 и 2016 година е огромно и вредно во таа насока, така што не очекувам и да има евентуален прилив на бегалци наредниов период дека ние ќе бидеме изненадени“, рече Пендаровски.
Врховниот командант посочи дека државните органи на дневна основа следат што се случува тука, оти од неодамна е активиран и новиот орган за координација на службите, како и дека од пред два дена е зголемен од 10 до 15 пати и армискиот контингент, но не, како што рече, во очекување на некој голем бегалски бран, туку во очекување на тоа што евентуално може да се случи за да не не фати неподготвени. За време на престојот во Гевгелија претседателот Пендаровски го посети привремениот транзитен центар Винојуг, а се сретна и со припадниците на граничната полиција и на Фронтекс.
Во меѓувреме, откако Турција ги пушти бегалците и мигрантите од нејзина територија кон земјите од Европската унија, притисокот на грчко-турската граница се зголеми. Денеска високите претставници на Европската унија, претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли и други европски политичари, заедно со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ќе ја посетат грчко-турската граница.