Бугарскиот премиер Бојко Борисов вчера му се придружи на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во обвинувањата кон Европската унија за пропаѓањето на договорот за бегалците постигнат во 2016 година. Ердоган и Борисов им се обратија на новинарите во Анкара, по состанокот на кој се дискутираше за новиот бран бегалци кои Турција ги пушти од своја територија за да се обидат да заминат кон земјите-членки на ЕУ.
Ердоган рече дека ги отвориле вратите за илјадници беглаци и ја обвини ЕУ дека не и платила на Турција шест милијарди евра за сместување на четири милиони сириски бегалци.
„Потрошивме 40 милијарди евра. Ветените шест милијарди евра Брисел не ги реализира. Сега велат дека ќе алоцираат една милијарда евра. Кого лажат? Не ги сакаме повеќе тие пари. Ќе најдеме пари“, рече Ердоган.
Борисов рече дека ЕУ гласала за доделување на тие пари за Турција и дека не разбирал зошто не ги дале. Европската комисија, пак, тврди дека ги исплатиле целосно парите на организациите за помош на бегалците, а не директно на турската влада.
ЕУ исто така најави дека се подготвени да инвестираат неколку милијарди евра во следните години, а германската канцеларка Ангела Меркел кажа дека тие би можеле да изградат бегалски центар во областите во Сирија кои се под контрола на Турција. Вчера турските власти соопштија дека 18 000 мигранти веќе влегле во ЕУ.