Предизборите на Демократската партија денеска влегуваат во важна фаза, бидејќи со гласање во серија сојузни американски држави ќе бидат избрани третина од делегатите кои подоцна ќе одлучуваат кој ќе влезе во трката за претседател на САД.
Во трката за кандидат на демократите, кој ќе се спротивстави на претседателот на САД Доналд Трамп на изборите на 3 ноември, останати се петмина политичари- поранешниот потпретседател на САД, Џозеф Бајден, сенаторот од Вермонт, Берни Сандерс, милијардерот Мајк Блумберг, сенаторките од Масачусетс и Минесота, Елизабет Ворен и Талси Габард. По убедливата победа на Бајден на изборите во Јужна Каролина во саботата, од трката ненадејно се повлече поранешниот градоначалник на Саут Бенд, Пит Бутиџиџ, а вчера и Еми Клобучар.
Демократите денеска гласаат во 14 сојузни држави. Значењето на „супер вторник“ е во тоа што во овие 14 држави и една територија избираат 1.344 од 3.979 (34 насто) делегати кои на Демократската национална конвенција од 13 до 16 јули во Милвоки, ќе одлучат за партиски кандидати за претседател и потпретседател на САД. Внатрепартиски избори за делегати досега се одржани во четири сојузни американски држави, Ајова, Њу Хемпшир, Невада и Јужна Каролина, каде што вкупно се избрани 155 делегати. Во моментов води Сандерс со најмалку 58 освоени делегати, а по него е Бајден со најмалку 50.