Европската комисија повторно препорача почеток на преговори со Северна Македонија

Европската Комисија препорача, Советот да ги отвори преговорите за пристапување со Северна Македонија. Овој заклучок од извештајот за напредок на Северна Македонија до кој дојде Радио Слободна Европа, Комисијата го базира на постигнатиот напредок во однос на условите кои едногласно беа поставени од страна на Советот во јуни 2018 година.

„Гледано во целина, Северна Македонија ги зголеми напорите и покажа опипливи и одржливи резултати во клучните области утврдени во Заклучоците на Советот од јуни 2018 година. Како резултат на тоа, основите на препораката на Комисијата за 2019 година за започнување на преговори за пристап со Северна Македонија остануваат валидни“, се вели во заклучокот од извештајот, кој и официјално треба да биде објавен денеска.