Грција: ситуацијата на границата со Турција е закана за безбедноста на земјата

Мигранти во Турција, во близина на границата со Грција

Актуелната ситуација на границата со Турција претставува активна, сериозна, исклучителна и асиметрична закана за националната безбедност на земјата, рече портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас по состанокот на владиниот совет за национална безбедност и паралелно ги соопшти петте одлуки донесени синоќа, јави МИА од Атина.

Надградба на максимално ниво на мерките за чување на источните копнени и морски граници на Грција за спречување на нелегални влегувања во земјата; привремено одложување на еден месец на барањата за азил за оние кои нелегално влегуваат во земјата; кога е можно, веднаш, без регистрација, да се враќаат назад оние кои нелегално влегуваат на грчка територија; доставување барање до Фронтекс за групата RABIT со цел чување на грчката, односно границата на ЕУ и известување на Советот на МНР на ЕУ и барање да се преземат мерки за Грција за справување со итната состојба поради ненадеен прилив на државјани на трети земји, се мерките кои ги соопшти Пецас.

Во последните денови, Грција е на мета на ненадеен, масовен, организиран и координиран притисок од движењата на луѓето кон источните копнени и морски граници. Ова движење е насочено и охрабрено од Турција. Со овие активности се прекршуваат обврските што произлегуваат од Заедничката декларација на Европската унија и Турција, рече портпаролот на грчката влада по завршувањето на состанокот.

Тој истакна дека насобраните лица на границата, насилно се обидуваат да влезат на грчка територија.

Конкретните луѓе, Турција ги користи како пиони за да врши дипломатски притисок, рече Пецас додавајќи дека Грција има суверено право и уставна обврска да го заштити нејзиниот интегритет.