СЗО - Над 86 илјади луѓе заразени од коронавирус

.

Светската здравствена организација (СЗО) денеска соопшти дека од КОВИД-19 на глобално ниво се заразени над 86 илјади луѓе, а најмалку 2.900 луѓе починале од новиот коронавирус. Заразени од вирусот има во 63 земји.

Властите во Иран, која е една од најтешко погодените земји, соопштија дека има пораст на заразени и за три дена има 385 нови случаи, со што сега во земјата има 978 заразени, а досега 11 луѓе починале.

Министерот за здравство на Велика Британија, Мет Хенкок ја опиша епидемијата како „многу, многу значаен предизвик“ и рече дека претпоставката е дека работите ќе се влошат пред да се подобрат.

Велика Британија во моментов има 23 потврдени случаи на коронавирус. За утре во Велика Британија е свикан состанок на Комитетот за одговор при итни случаи, со кој ќе претседава премиерот Борис Џонсон.

Италијанскиот министер за економија Роберто Гуаталари денеска најави дека владата ќе воведе нови мерки во вредност од 3, 5 милијарди американски долари, што претставува околу 0,2 проценти од БДП-то, за да помогне во борбата со ефектите од коронавирусот. Во Италија има повеќе од 1.100 потврдени случаи на КОВИД-19, а 29 пациенти починаа.

Вирусот започна во Кина, каде најмалку 2.761 луѓе починаа, а 79.826 други се заразени. Најпогодени земји освен Кина се и Иран, Италија, Јапонија и Јужна Кореја.