Турскиот министер за одбрана Хулуси Акар денеска рече дека неговата земја „успешно“ ја продолжува воената операција во северозападна Сирија против режимот во Дамаск, кој има руска поддршка, и дека Анкара нема „желба или намера да се судри со Русија“.
Турската војска најави засилување на воената кампања, откако 34 турски војници загинаа во сириски воздушен напад во регионот Идлиб, каде што руската воздушна моќ била користена да им помогне на силите на сирискиот претседател Башар ал-Асад.
Идлиб е дел од последната сириска територија која е под контрола на бунтовниците кои се поддржани од Турција.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, чија земја е членка на НАТО, вчера рече дека во телефонски разговор му кажал на рускиот претседател Владимир Путин дека Москва треба да стои настрана и да ѝ дозволи на Турција да се справи со сириските владини сили.
Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека двете страни се согласиле да ги намалат тензиите додека продолжуваат воените дејства.
Ердоган наводно разговарал и со други светски лидери, меѓу кои и американскиот претседател Доналд Трамп и германската канцеларка Ангела Меркел.
Како одговор на загинувањето на нивните војници, Турција изврши смртоносни бомбардирања во Идлиб.
Сириски и руски авиони вчера продолжија со напади врз градот Саракеб, кој се наоѓа на клучниот автопат за кој се водат борби во последните денови.
Сирија денеска објави дека го затвора воздушниот простор на северозападот на земјата.
Турција вчера започна притисок врз меѓународната заедница со „отворање на вратите“ за сириските бегалци кон ЕУ. Тоа доведе до бројни обиди за нелегален премин на мигрантите во Грција и евентуално во Бугарија, што предизвика загриженост во Унијата.