Бегалците кои се во Турција тргнале денеска кон европските граници, јавува агенцијата Ројтерс. До ова доаѓа откако турски официјален претставник изјави дека Турција нема повеќе да ги задржува бегалците од Сирија кои сакаат да побараат азил во земјите-членки на Европска Унија. По оваа најава се огласија и од Европска комисија и од УНХЦР кои тврдат дека не се известени дека Турција ја сменила политиката кон мигрантите, а дека тоа значи дека се уште е во сила договорот помеѓу Турција и ЕУ за мигрантите.
И турските медиуми јавуваат дека стотици мигранти од северозападната турска покраина Едрене се на пат кон границата со Грција и Бугарија. Поради тоа се заострени безбедносните мерки на бугарската и на грчката граница.
Бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов рече дека утрово бугарската погранична полиција реагирала и спрела две групи, од по околу 30 мигранти да ја преминат турската граница. Тој додаде дека се подготвени да испратaт уште 1000 војници. Грција, пак, претпладнево го затвори граничниот премин „Кастањес” со Турција кај Еврос. Затворена е царинската служба и не се пропуштаат граѓани, а грчката страна уште од рано утрово е под силно полициско обезбедување.
Инаку ваквата реакција на официјална Анкара, како што јавува агенцијата Ројтерс, се смета за одговор на војната во Сирија каде што 33 турски војници беа убиени од сириските владини сили поддржани од Русија.