Владата на денешната седница го прифатила предлогот на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи и донела заклучок да им се препорача на организаторите да ги откажат сите јавни собири до 6 март 2020 година, се наведува во владиното соопштение.
„Препораката на Владата се однесува на поголемите јавни собири кои се планирани во овој период, како што се Струмичкиот карневал, Карневалот „Прочка“ во Прилеп“ и сите слични. Владата им препорачува на организаторите на спортските настани, натпреварите во утврдениот период до 6 март да се играат без публика. Истата препорака на Влада се однесува и на сите други поголеми забавни и културно-уметнички манифестации“, наведува владината прес служба.
Од таму додаваат и дека препорачуваат сите организатори на други јавни настани своите одлуки да ги донесуваат врз основа на консултација и мислење на Комисијата за заразни болести.
“На оваа своја седница Владата ги задолжи Пазарната инспекција и Агенцијата за лекови и медицински средства на Република Македонија (МАЛМЕД) да направи увид и контрола на залихите на заштитните средства за заштита од пренесувањето на вирусот во аптеките и доколку утврди неосновано покачување на цените да преземе мерки соодветно за законските прописи и овластувања“, заклучила владата.