Двете наши граници јужната и северната будно ги следат припадниците на граничната полиција во соработка со припадниците на нашата Армија и полиции на други држави поради состојбите на северот на Сирија и последните случувања во Турција и можната опасност од нов бран бегалци од Сирија. Ова го потенцира министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, кој денеска беше во работна посета на СВР Велес, одговарајќи на новинарско прашање дали има опасност од нов бран беглаци, кои би транзитирале низ нашата држава.
„Ние будно го следиме процесот и доколку има потреба и сега сме многу подобро подготвени и материјално – технички и кадровски за попречување на влез на нов бран емигранти“, нагласи министерот Чулев.
Турски официјален претставник денеска рече дека Турција одлучи веќе да не ги спречува сириските бегалци кои се обидуваат да стигнат до Европа по копно и море. Изјавата беше дадена во период на масовно движење на бегалци од сириската провинција Идлиб, каде што има милион раселени лица.
Во меѓувреме грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис телефонски дискутираше со германската канцеларка Ангела Меркел за ситуацијата во Турција и движењето на мигрантите кон грчката граница. Бугарскиот премиер Бојко Борисов, пак, изјави дека Бугарија ги заострила мерките откако група мигранти се упатиле кон границата.