Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска на прес конференција во партиското седиште рече дека коалицијата меѓу СДСМ и Беса, а не ДУИ, ќе биде победник во изборната единица шест.
„Јас би порачал на нашиот сегашен коалиционен партнер, да не го лаже паметот, коалицијата СДСМ – Беса и другите партии ќе биде победник на овие избори, не ДУИ. И тоа во шестата изборна единица каде што најмногу се мерат влијанието на втората етничка заедница, на албанската, по големина во државата“, рече Заев одговорајќи на новинарско прашање.
Изет Меџити од ДУИ, пак, денеска рече дека формирање на предизборната коалиција меѓу СДСМ и Беса е свесна дефакторизација на албанскиот глас од овие партии.
Според него, потегот на овие партии е во спротивност со албанските интереси и претставува очајнички напор за спас на политичката сцена, додавајќи дека претопувањето во таканаречениот сојуз на Беса во СДСМ е нивен партиски интерес и одлука на раководството на овие партии.
„Ние како најголема албанска партија и гарант на Охридскиот, Преспанскиот и договорот за добрососедство, имаме задача да ги заштитиме правата на Албанците и затоа не може да има Влада во ова земја без албанскиот победник на демократски избори. Албанскиот преставник во Владата го определува волјата на Албанците а не волјата на сојузите и канцелариите“, заклучи Меџити на прес-конференција.