Отсуството на сведокот на одбраната Дејан Панделески го одложи денешното рочиште на случајот „Рекет” во кој обвинети се Бојан Јовановски-Боки-13 и поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева. При образложение на оваа одлука, судијката Васка Николовска-Масевска рече дека Панделески, не е пронајден на адресата доставена од одбраната, односно адресата била од работното место на сведокот од каде известиле дека тој е на службен пат. Следното рочиште е закажано за 3-ти март.
Воедно, судечкиот совет информира дека рочишта за предметот „Рекет“ се закажани до 10 април. Според редоследот на рочиштата, судењето ќе продолжи и во тек на изборна камапања за предвремените парламентарни избори закажани за 12 април.
И вчерашното рочиште за „Рекет“ беше одложено откако друг сведок на одбраната, бизнисменот и поранешниот градоначалник на Општина Центар Владимир Тодоровиќ не дојде на судењето, а како што се информираше го известил судот дека е на службен пат во Бугарија. Вчера не дојде и Лидија Јаневска, исто така сведок на одбраната, а образложението беше дека не добила уредна покана.
Одбраната на Јовановски предложи 12 сведоци, меѓу кои Јовче Ременски, сопруг на пратеничката од СДСМ Фросина Ременски која е обвинета во другиот случај поврзан со Јовановски за Меѓународниот сојуз.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во октомври лани поднесе обвинение против Јовановски, поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и Зоран Милевски. Првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“ и за „примање награда за противзаконито влијание“. Второобвинетата Јанева се товари дека сторила кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“. На првото рочиште за „Рекет“, , третообвинетиот Милевски призна вина и доби три години затвор. Според обвинението, тие се здружиле за да му земаат пари на бизнисменот Јордан Камчев, сведок во „Рекет“ во замена за олеснителни околности во предметот „Империја“ кој тогашното СЈО го водеше за него.