Поранешниот градоначалник на Општина Центар Владимир Тодоровиќ не се појави денеска во Судот, каде што по предлог на одбраната требаше да сведочи на рочиштето за случајот „Рекет“. Судењето се одложи за утре, за кога одбраната треба да ги обезбеди сведоците Тодоровиќ и Лидија Јаневска, која исто за денешното рочиште имала неуредна достава на покана.Тодоровиќ, со писмен поднесок го известил судот дека од 25 до 28 февруари ќе престојува во Бугарија поради деловни обврски.
Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Васка Николовска-Масевска, а застапник на обвинението е Вилма Русковска. Тодоровиќ е еден од 12-те предложени сведоци од обвинетиот Бојан Јовановски. Судијката информираше дека Судот го одбива барањето на обвинетиот Бојан Јовановски за укинување на мерката притвор.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во октомври лани поднесе обвинение против Јовановски, поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и Зоран Милевски. Првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“ и за „примање награда за противзаконито влијание“. Второобвинетата Јанева се товари дека сторила кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“. На првото рочиште за „Рекет“, , третообвинетиот Милевски призна вина и доби три години затвор.
Според обвинението, тие се здружиле за да му земаат пари на бизнисменот Јордан Камчев, сведок во „Рекет“ во замена за олеснителни околности во предметот „Империја“ кој тогашното СЈО го водеше за него.