Повеќе од 30 земји во светот соопштија дека на нивните територии има потврдени случаи на коронавирус. Најголемиот број се во Кина, од каде што и почна ова заболување, а голем број заразени имаат и Јапонија, Јужна Кореја, Италија и Иран.
Бразилското министерство за здравство денеска соопшти дека жител на Сао Паоло кој бил во Италија е сомнителен за коронавирус, а ако резултатите покажат дека го има вирусот ќе биде првиот регистриран случај во Јужна Америка. Неколку европски земји- Австрија, Хрватска, Шпанија и Швајцарија пријавија дека и кај нив се регистрирани лица со коронавирус, сите од нив биле во Италија, а потврден случај јави и Алжир.
Во Италија, пак, има 330 заболени и 11 починати. Во последниве денови заболени се регистрирани и во Авганистан, Бахреин, Ирак, Кувајт и Оман, а сите претходно биле во Иран. Во таа земја пак има сто потврдени случаи и 15 починати.