Русинот, кој во швајцарскиот град Женева, бил акредитиран како дипломат всушност бил воен разузнавач поврзан со таен тим кој вршел труења низ Европа, се наведува во новиот извештај на истражувачката организација Белигкат. Денешниот извештај е последниот за операциите на тајните руски агенции и во него се изнесуваат мислењата на експертите според кои Москва презема агресивни методи за разузнавање, саботажи, па дури и атентати низ светот.
Во март 2018 година поранешниот руски агент Сергеј Скрипал, заедно со неговата ќерка за малку не ги загубија животите откако беа нападнати, според британските експерти со нервен гас. Белигкат подоцна соопшти дека има докази кои покажуваат дека зад инцидентот стоеле руски воени разузнавачи.
Истата истражувачка организација објави и извештај во кој ја обвинува руската разузнавачка служба дека е одговорна за труењето на бугарскиот трговец со оружје во Софија во 2015 година. Во декември бугарските власти отворија своја истрага, а минатиот месец обвинителството обвини тројца Руси, а ИНТЕРПОЛ објави и потерници по нив.