Предлог за санкции против Русија за мешање во претстојните избори во САД

Гласање во САД, ноември 2018

Тврдењата за руско влијание врз изборите во САД, се темелат на извештаи од разузнавачките служби според кои Русија, но и други земји, се обидуваат да го поткопаат интегритетот на претстојните претседателски избори. Русија негира - никогаш не сме се мешале ниту ќе се мешаме.

Демократите во американскиот Сенат стравуваат од руско мешање и во претстојните претседателски избори. Тие побараа од администрацијата на претседателот Доналд Трамп да воведе санкции против Русија. Своите барања ги темелат на брифинг од разузнавачките служби според кој, Русија повторно се обидува да се вмеша во изборите. На овие состаноци, зад затворени врати, службите презентирале неколку извештаи пред членови на Претставничкиот дом.

По ова, тројца сенатори, од Њујорк Чак Шумер, од Њу Џерси Боб Мендез и од Охајо Шерод Браун во писмо упатно до државниот секертар Мајк Помпео и до секретарот за финансии, Стивен Мнучин бараат администрицијата „веднаш и присилно“ да ја санкционира руската влада и кои било индивидуалци вклучени во влијанието врз овогодинешните претседателски избори.

Државниот секретар на САД, Мајк Помпео

На состаноците, било истакнато дека покрај Русија и други земји претставуваат закана за интегритетот на ноемвриските избори. Во извештаите на разузнавачките служби фокусот бил ставен врз обидите на Русија да му помогне на Трамп да добие повторен избор. И демократскиот кандидат, сенаторот Берни Сандерс, изјави дека му било кажано дека Русија бара начини да ги зајакне и неговите шанси.

Видете и ова: Сандерс го повика Путин да не се меша во кампањата

Но кабинетот на рускиот претседател ги отфрли ваквите обвинувања во интервју за дневниот весник „Комерсант“.

„Многу строго и прецизно го почитуваме принципот за немешање во домашните прашања на САД, договор склучен уште на 16 ноември 1933 година, кога Советскиот Сојуз и САД ги воспоставија одново диполоматските односи“, изјави Андреј Крутшик, специјален претседателски претставник за меѓународна соработка во безбедност на информациите.

Видете и ова: Москва негира мешање во претседателските избори во САД

Тој додава дека рускиот претседател, Владимир Путин, многупати потенцирал дека Русија никогаш не се мешала и нема да се меша во внатрешните работи на САД, вклучително и во изборниот процес.

Од друга страна, официјални претставници на Федералното биро за истраги (ФБИ) велат дека Русија сака да ги гледа американците „како сами се распаѓаат“. На конферениција за безбедноста на изборите во Вашингтон Дејвид Потер, помошник началник во секторот за надворешно влијание на ФБИ, истакна дека Русија тоа го прави преку ширење дезинфорации и фрлање сомнеж врз интегритетот на американските избори.

„Судир на информации“, е техниката која ја применува Русија, вели Портер. Нејзина цел е заматување на фактите и фикцијата, додава тој.

„Главната цел не е да се создаде одредена верзија на вистината туку да се прикрие вистината и да се поткопа нашата можност да ја најдеме, преку создавање на реалност во која не може да му се верува на ниту еден извор на информации“, изјави Портер.

Руското мешање преку користење на социјалните мрежи Фејсбук, Твитер и Инстаграм како и преку каналот Јутјуб, беше тема и на претходните избори за претседател на САД. Тврдењата за руското мешање беа изнесени во два извештаи подготвени за Сенатот на САД кои ја документираат распространетата кампања за влијание на руски оперативци врз мислењата на американските гласачи за време на претседателската кампања во 2016 година.