Расте бројот на заболени од коронавирусот во Иран, Италија и Јужна Кореја

Италија- туристи со маски во посета на италијанскиот град Венеција, 24.02.2020

Бројот на заболени од коронавирусот во Иран, Италија и Јужна Кореја се зголемува, а и други земји пријавија први случаи на ова заболување од кое во Кина досега починаа речиси 2600 луѓе. Авганистан, Ирак, Бахреин, Кувајт и Оман денеска соопштија дека првпат имаат потврдени случаи на коронавирус, сите поврзани со патување во Иран.

Иранската агенција ИЛНА јави дека 50 луѓе во иранската провинција Ќом починале од вирусот, но министерството за здравство негираше наведувајќи дека досега се потврдени 61 заболен од кои 12 починале.Соседните земји на Иран односно Ирак, Пакистан, Турција, Ерменија и Авганистан забранија патувања во таа земја.

Во Јужна Кореја седум лица починаа, а 833 е потврдено дека го имаат вирусот. Италија, која има најголем број заболени во Европа, соопшти дека 220 луѓе имаат потврден коронавирус, а осум лица починаа. Во Кина, пак, каде што почна вирусот досега починаа 2592 лица, а заболени се 75 000.