Димитров: март е тест за геополитичките амбиции на Европската комисија

Архивска фотографија- Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров

Заложби за силна, стабилна и обединета Европа во мир преку целосна интеграција на Западниот Балкан во Европската Унија изразија денеска во Солун министрите за надворешни работи од регионот и од земји-членки на ЕУ кои граничат со регионот, на конференцијата на високо ниво „Од Солун до Загреб” на која учествува и шефот на дипломатијата Никола Димитров.

„За да може да се продолжи да се говори за европската перспектива на регионот, неопходно е постигнување консензус за зелено светло за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија без одлагање. Март ќе биде тест и за геополитичките амбиции на новата Комисија и на самата ЕУ за кредибилно глобално влијание“, рече Димитров.

Од конференцијата, како што информираше МНР, произлегла и заедничка изјава, во која се изразува очекување дека согласно препораките на Европската комисија, ЕУ ќе донесе одлука за отворање на пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија пред Самитот во Загреб во мај 2020 година.