Зајакнати контроли на македонските граници поради коронавирусот

Илустрација

Поради ширењето на коронавирусот во Италија се зајакнува контролата на сите гранични премини и на двата аеродрома во Македонија, е еден од заклучоците на денешниот состанок на Комисијата за заразни болести. Како што информираше министерот за здравство Венко Филипче, на граничните премини се отстапуваат посебни простории каде ќе бидат интервјуирани сите патници кои доаѓаат од ризичните дестинации и ќе се врши првичен скрининг на нивната здравствена состојба. На Скопскиот аеродром со термалната камера ќе се следат сите патници, а не само како досега оние што пристигнуваа од Дубаи и Истанбул. Температура на патниците ќе им се мери и на аеродромот во Охрид.

„Доколку се јави потреба, Инфективната клиника во Штип ќе функционира како објект за изолација. Тестирањата на сомнителни случаи ќе се вршат на Инфективните клиники во Скопје и во Куманово. Во земјава има доволно реагенси за тестирање на корона вирусот“, наведува Филипче.

Овие заклучоци на комисијата, како што се информира, дополнително ќе бидат координирани на денешниот состанок со Центарот за управување со кризи во Министерството за внатрешни работи.

Претходно Министерството за надворешни работи соопшти дека во зафатените региони со коронавирусот Ломбардија, Венето и Емилија-Ромања престојуваат околу 23,000 државјани на Република Северна Македонија. Согласно информациите кои ги добило министерството до овој момент нема македонски граѓани кои се заболени од коронавирусот.

Во Италија досега се потврдени 190 случаи на заболени од коронавирус, а четири лица починаа.