Заев: Снимките на Милошоски покажуваат зошто беше важно носењето на Законот за ЈО

Лидерот на СДСМ и поранешен премиер Зоран Заев

"Јас во објавените тонски снимки ја коментирам одлуката на Врховен суд за непостапување за предметите од СЈО по јуни 2017 година, состојба со која предметите паѓаа доколку не се изгласаше Законот за јавно обвинителство", вели лидерот на СДСМ и поранешен премиер Зоран Заев во врска со денеска објавените снимки од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски.

Тој во интервју за Прес 24 истакнува дека снимките најверојатно настанеле на некој од состаноците во рамки на преговорите кои се водеа со групата пратениците, кои беа исклучени од ВМРО-ДПМНЕ.

"Разговорот некој од присутните неовластено го снимал додека се разговара за причините и потребата зошто треба да се донесе законот за Јавно обвинителство. Тоа се веројатно разговори од состаноците кои се водеа со претставници на партиите од власта и опозицијата
од албанскиот блок на партии, кога се убедувавме и објаснувавме со групата од осум пратеници од ВМРО-ДПМНЕ зошто е важно да се донесе Законот за јавно обвинителство" рече Заев.

Според неговите зборови неовластено снимениот разговор покажува зошто морало да се донесе Законот за јавно обвинителство и покажува како со него се надминува одлуката на Врховен суд.

"Со ЗЈО овозможивме сите предмети да добијат правна разрешница врз основа на обезбедените докази. Се зборува дека врховните судии јасно информирале дека ќе ја донесат одлуката што тогаш ја донесоа согласно законот за СЈО каде што е предвидено дека до 30.06.2017 неовластени разговори се докази, а потоа може да бидат само индиции. Се друго што се слуша во објавеното неовластеното снимање од Милошоски е само аргумент плус преку убедување на соговорниците и потврда, зошто треба да се донесе новиот закон за Јавното обвинителство", вели лидерот на СДСМ.

Тој уште смета дека ВМРО-ДПМНЕ "се закопала" со пуштање снимки од разговори од време кога сите знаеле дека предметите на СЈО биле под закана.

"Милошоски го знае новиот закон, тој, Груевски и Мицкоски знаат дека предметите ќе добијат пресуди врз основа на обезбедените докази. Спасени се доказите, спасени се предметите, само криминалот на ВМРО-ДПМНЕ не е спасен"вели Заев.

Милошоски: Заев бил во дослух со Врховниот суд и со СЈО

Претходно на прес конференција во седиштето на партијата пратеникот на ВМРО ДПМНЕ Антонио Милошоски денеска емитуваше разговор во кој, како што рече, се слуша гласот на порaнешниот премиер Зоран Заев. Милошски рече дека од снимките се слуша дека тој носел одлуки во име на Врховниот суд и на СЈО и оти бил во дослух со поранешната обвинителка Катица Јанева за сите нејзини одлуки.

"Јасно се гледа зошто му се брзаше на нелегален начин да се донесе Законот за јавно обвинителство“, рече Милошоски.