Италија се обидува да го спречи ширењето на коронавирусот

Турист носи заштитна маска пред Колосеумот во Рим, Италија.


Италија се обидува да го спречи ширењето на корона вирусот, откако две лица починаа од оваа болест, а пријавени се над 50 ново инфицирани, со што вкупниот број се искачи на 79.

Италијанската влада соопшти дека ќе ги изолира градовите каде што се појави епидемијата и нивната околина фокусирајќи се на северните региони Ломбардија и Венето.

„Целта е да се заштити здравјето на италијанскиот народ“, рече премиерот Џузепе Конте по итниот состанок на владиниот кабинетот. Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека Италија има најмногу потврдени случаи на инфекција од коринавирусот во Европа. Во извештајот се наведува дека Германија има 16 заразени, Франција 12 инфицирани и еден мртов, а Велика Британија тројца.

Во Ломбардија, 46 лица биле позитивни на тестирањето, вклучително и една жена која починала, соопштија регионалните власти. Во Венето се заразени 12 лица, а едно лице почина.

Десетина градови во Ломбардија, за кои се смета дека се во центарот на избувнувањето на вирусот- на површина од околу 60 километри југоисточно од Милано, се изолирани, со околу 50.000 жители. Властите ги затворија училиштата како и повеќето продавници, а јавните активности се откажани.

„Заразата со овој вирус е многу силна и прилично вирулентна“, рече шефот за здравство на Ломбардија, Џулио Галера, пред новинарите, иако истакна дека тоа „не е пандемија“.

Епидемијата, која започна во централниот кинески град Вухан, однесе најмалку 2350 животи во Кина а заразени се над 76.000 луѓе. Повеќе од 400 луѓе се заразени во Јужна Кореја, каде што двајца починале, а околу 30 други земји пријавија случаи на заразени.