Недобивањето на датум за преговори за членство во Европската унија за Северна Македонија и Албанија во октомври, беше причина лидерите на најголемите партии во земјава да договорат одржување на предвремени парламентарни избори на 12 април оваа година.
Одлуката за недобивањето датум Унијата ја донесе по барање на некои земји членки, како Франција, да се преиспита процесот на проширувањето и да биде воведена нова методологија. За неколку месеци тоа и се случи, односно институциите на Унијата изработија документ со кој правилата за преговарање сега се променети.
Но, што ќе значи тоа за земјите кои ќе започнат преговори? Документот за новата методологија предвидува поглавјата да бидат групирани во неколку таканаречени кластери, процесот на преговори може да биде вратен назад доколку земјата назадува, а исто така земјите кандидатки ќе бидат обврзани на имплементација на реформите.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Иако за новите правила има позитивни реакции, некои експерти оценуваат дека ваквата методологија ќе значи потешки услови за земјите кандидатки.
Малинка Ристовска – Јорданова од Институтот за европска политика вели дека новата методологија ќе значи „сериозно различни и потешки услови“ за државите кои ќе влегуваат во преговори.
„За нас тоа значи усложнување на процесот. Се тврди дека ќе се динамизира процесот, бидејќи ќе се воспоставуваат приоритети на ново на кластери, не на поглавја, можно е да се намалат вето точките, но сепак за отворање на кластерите не се менува сегашното барање сите држави да се усогласат, значи пак ќе може да се блокира почетокот од страна на една држава членка“, вели Ристовска – Јорданова.
Националниот координатор за европски прашања во Владата Бојан Маричиќ објаснува освен тоа што новиот документот за методологијата предвидува можност секоја од темите да биде вратена доколку земјата назадува, земјите кои преговараат ќе мора да ги имплементираат законите усогласени со ЕУ, а не само да ги донесува.
Тој исто така вели оти сега лидерите на Западен Балкан ќе имаат зголемена комуникација со претставниците на ЕУ, но посочува и дека во врска со методолгијата има некои работи кои допрва треба да бидат усогласени.
„Има една работа која не е до крај уважена, а тоа е врзана за европските фондови. Францускиот нон-пејпр бараше да бидат кохезионите и структурните фондови коишто се денес достапни само за државите членки, да им бидат достапни на државите кандидатки. Тоа по сегашните правила не е возможно и затоа наместо тоа, се нуди во овој документ засилена финансиска помош во делот на ИПА во претпристапната помош. Мислам дека тоа е коректно и реално и дека соодветствува со реалните очекувања на сите“, вели Маричиќ.
Видете и ова: ЕУ во искрени разговори со Западен Балкан
Зајакната условеност
За новата методологија деновиве зборуваше и министерот за надворешни работи Никола Димитров на конференцијата за безбедност во Минхен. Тој оценува дека некои од новите предлози ќе бидат корисни, како на пример зголемените придобивки во однос на ИПА фондовите, зголемената политичка интеграција пред членството во Унијата, но и казните за земјите доколку назадуваат во процесот.
„Ако има политичка елита во некој главен град во регионот, која ќе ја зароби државата, медиумите, судиите, јавните компании... Европската комисија, како и одредена земја членка на ЕУ, може да иницира враќање на процесот. Луѓето во регионот нема од што да се плашат од овој механизам, бидејќи целата идеја на процесот е да се оди напред. Ќе треба да се плашат политичките елити, бидејќи ова ќе биде лесна алатка во рацете на Унијата да ја направи владата екстремно политички слаба, доколку има назадување“, вели Димитров.
Тој додава дека клучно од донесувањето на новата методологија е таа да се имплементира и за тоа да има политичка волја, и кај земјите кандидатки и кај членките на Европската унија.
Ристовска – Јорданова објаснува дека преговарањето во кластери е предлог на Франција кој е испочитуван, но на некој начин поглавјата ќе бидат зачувани.
„Меѓутоа, сериозно се зајакнува условеноста, во преговорите директно се воведуваат економските критериуми, а од политичките критериуми се воведува и јавната администрација. Во однос на јавната администрација особено ќе биде осетливо, бидејќи не постојат никакви пропишани норми на ЕУ за јавната администрација, а исто така ниту меѓународни стандарди коишто би биле поетаблирани“, вели Ристовска – Јорданова.
Пред објавувањето на новата методологија, Франција инсистираше таа да вклучува четири нови принципи: реверзибилност, политичко управување со процесот, постепеност и конкретност.
Извршниот директор на организацијата „Евротинк“ Иван Стефановски вели дека новата методологија нуди поголема флексибилност на процесот, но „генерално во еден негативен контекст.
„Од друга страна поголемото финансирање на кандидатите за членство е скоро невозможно да се реализира во пракса, односно станува збор за буквално „ремикс“ на една иста песна. Сепак, фактот што јавните набавки, финансиската контрола и статистичките операции влегуваат како фундаментални, е јасен сигнал дека државите аспиранти секако не прават доволно во оваа област“, вели Стефановски.
Тој додава дека владите на земјите кандидатки, со новата методологија ќе бидат ставени во позиција на континуиран тест, во смисла на нивните перформанси, но и реално ефектуирање на европските политики и реформи во реалниот живот, додека граѓаните на земјите кандидати ќе имаат можност во реално време да го знаат прогресот или евентуалниот застој на нивните земји во патот кон членството во ЕУ.
„Пред се поголемата информираност околу процесите, но и оние самити помеѓу европските лидери и лидерите од Западен Балкан коишто сега ќе се одржуваат на годишно ниво, ќе бидат одлична можност за информирање на граѓаните. Дополнително Европската комисија, а сега и земјите членки, ќе воведат нови индикатори преку коишто ќе го мерат прогресот и ќе има еден позасилен двонасочен комуникациски канал во иднина“, вели Стефановски.
Новата методологија пред земјите членки на Унијата треба да биде презентирана во втората половина на февруари.
Видете и ова: Минхенска безбедносна конференција и предизвиците за Западот
Новата методологија и лицемерието на ЕУ
Европската комисија многу брзо, дури невообичаено за нејзе, ја предложи новата методологија за проширувањето со земји кои сакаат да бидат нејзини членки. До ова дојде откако во октомври лани беа одложени надежите за членството на Северна Македонија и Албанија. Реакциите за новата методологија се позитивни и од оние што беа против и од оние што треба да бидат опфатени со неа.
Гоце Атанасов
Додека повеќето земји-членки тогаш беа подготвени да ги започнат преговорите, Франција предводеше мала група во која беа уште Данска и Холандија која стави вето на овој потег, додека не се реформира Унијата. Веднаш потоа новите челници на Унијата најавија дека ќе работат на тоа за на наредниот самит да биде отворена вратата за балканските земји. Еден од тие први чекори, освен предложената нова методологија за проширување, беше и неформалниот состанок во Брисел меѓу лидерите на Западен Балкан и Европската унија.
Во март Европската комисија треба да објави индивидуален извештај за секоја од шесте земји-кандидатки - Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија. Она што сега е на сцена е поригорозен пат до членството, онака како што побара Франција. Европската комисија веќе поднесе план за ова, но сепак тој мора да добие едногласна поддршка од 27 земји членки на Унијата.
„Ние ја ревидиравме нашата методологија и таа треба да ја врати довербата кај сите страни во овој процес, бидејќи ги забрзува структурните реформи“, оцени тогаш шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, додавајќи:
„Ние сакаме да го отвориме патот и за Албанија и Северна Македонија да ги започнат разговорите за пристапување со ЕУ доколку е можно пред самитот на 17 мај во Загреб“.
На Минхенската безбедносна конференција што се одржа деновиве главниот противник на проширувањето, францускиот претседател Емануел Макрон, најави извесно ревидирање на неговиот строг став во врска со ова прашање:
„Значи, ние мора да видиме што ќе каже Комисијата, за степенот на достигнувањата што се очекуваат од Албанија и Северна Македонија. И во зависност од тоа, јас чувствувам дека предусловите што сум ги поставил, ако резултатите се позитивни и довербата е воспоставена, тогаш сме во позиција да отвориме преговори“.
Но, Макрон веднаш потоа отворено кажа зошто навистина се залагал за новата методологија:
„Бидејќи сите што велат „ајде да отвориме преговори со Албанија и Северна Македонија“, по една секунда ќе кажат „но внимавајте тие немаат можност да се интегрираат уште 15 или 20 години“.
Тоа не е разумно, тоа е исмејување на луѓето. И тоа е колективното лицемерие во кое се наоѓаме. Сите ние“.
Според новите предлози, процесот на пристапување во ЕУ најпрво ќе се фокусира врз „фундаменталните реформи“ и ќе создаде можност преговорите за членство да бидат „ставени во мирување во одредени области ... или да бидат суспендирани во целина“.
Новата методологија е прифатлива дури и за оние земји кои веќе ги почнаа преговорите со Унијата, како Србија и Црна Гора.
Српскиот претседател Александар Вучиќ освен важноста на регионалната соработка во Брисел издвои:
„Тие се отворени да ги слушнат сите наши иницијативи и нови идеи. Ќе испратат свои тимови да разговараат со нас... ќе се подготви и таканаречен инвестициски пакет за целиот регион што е од суштинско значење“.
Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ пак, наведувајќи дека Европската комисија најави дека ќе биде геополитички насочена рече:
„Истовремено, во релативно краток рок Европската комисија излезе со предлогот за нов модел на политиката за проширување кој наскоро треба да биде верификуван и оти тоа е модел да даде подобро темпо и поголема транспарентност на процесот на проширување“.
Во Србија и Црна Гора веруваат дека би можеле да му се приклучат на блокот во текот на оваа деценија.