Русија во обид за реизбор на Трамп?

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Трамп, руското мешање и „Однесено со виорот“

Американски разузнавачи деновиве во Конгресот изјавиле дека Русија се меша во изборната кампања со цел да се фрли сомнеж врз интегритетот на изборите и да се засили реизборот на претседателот Доналд Трамп. Ова, како што јавува Ројтерс, било пренесено од лице запознато со брифингот.

Според наводите на лицето, кое зборувало под анонимност заради чувствителноста на предметот, во Комитетот за разузнавање на Претставничкиот дом предводен од Демократската партија, се одржал состанок на кој бриферите од Канцеларијата за национално разузнавање предупредиле дека Русија се обидува да му помогне на Трамп да дојде до уште еден четиригодишен мандат.

Ројтерс пренесува дека „Њујорк Тајмс“ во четвртокот објави оти еден ден по брифингот, Трамп го прекорил вршителот на должноста директор на националното разузнавање Џозеф Мегваер поради тоа што дозволил негови службеници да се појават пред Комитетот.

Трамп притоа го навел присуството на демократскиот пратеник Адам Шиф кој е претседател на разузнавачката комисија.

Тој ја водеше постапката за импичмент против Трамп.

Сенатот под републиканска контрола го ослободи Трамп за обвиненијата во минатиот месец.

Трамп во средата изјави дека го заменува Мегваер со Ричард Гренел, силен поддржувач на Трамп, кој е амбасадор во Германија од 2018 година и специјален пратеник за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија.

Американски официјални претставници долго време предупредуваат на тоа дека Русија и други земји ќе се обидат да се мешаат во кампањата за претседателските избори.

Американската разузнавачка заедница заклучи дека Русија користела лажни вести, сајбер напади и други методи во операција наменета за мешање во претседателските избори во 2016 година на кои Трамп извојува победа над демократката Хилари Клинтон.

Русија ги негира овие тврдења.

Во меѓувреме, Трамп ја продолжува неговата кампања со митинзи низ земјата. На последниот во Колорадо Спрингс тој им се потсмеваше на потенцијалните негови ривали од Демократската партија.

Тој го критикуваше и годишниот Оскар за најдобар филм на „Паразит“ од Јужна Кореја.

„Колку беа лоши наградите на Академијата оваа година? И победник е филм од Јужна Кореја. Што беше тоа по ѓаволите? Имаме доволно проблеми со Јужна Кореја, со трговијата. И после сето тоа, тие им даваат награда за најдобар филм на годината?“

Притоа Трамп на насобраните им порача:

„Можеме ли да го вратиме „Однесено со виорот?“.

Станува збор за филм за американската граѓанска војна кој освои Оскар пред 80 години.