Предизборните ветувања почнаа од изградба на автопат од Битола за Скопје. Битолчани во 21 век патуваат по три и повеќе часа за да стигнат до главниот град на државата на лекарски преглед, студирање, по документација, работа и други обврски. Од Битола до Велес патуваат по магистрални, регионални патишта и преку превојот Плетвар каде при метеж се вози многу бавно, а досега и најголемиот број на сообраќајни несреќи на патниот правец Битола - Велес се случиле таму. Ако едно патување од Скопје до Париз со авион трае неполни три часа, за толку време битолчани стигнуваат до Скопје со возило, во иста држава.
Сега лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски најавија автопатско поврзување на Битола со Скопје. Досегашната власт во 2018 година вети дека ќе изгради автопат од Битола до Прилеп кој ќе се надоврзе на веќе почнатиот инфраструктурен зафат Градско-Дреново, по што од Прилеп до Градско ќе се вози по експресен пат, а рокот на завршување беше за две години, поточно до 2020 година. Сега лидерот на СДСМ Зоран Заев најави дека идејното решение е готово.
Видете и ова: Ветувањата за полни џебови и нови патишта тешко остварливи„Идејното решение за автопатско поврзување Велес- Прилеп- Битола е изготвено. Се работи за определба која што останува на државата во делот на автопатските решенија, би ја нарекол скоро единствена од ваков обем. Се работи за проект во вредност од над 600 милиони евра. Имајќи предвид дека Источна Македонија е автопатски решена, Западна Македонија ја решаваме со патот Кичево-Охрид и проширувањето продолжува Кичево-Гостивар и останува централниот дел на нашата држава кој не е важен само за Прилеп, туку и за Битола, Ресен и Охрид“, порача Заев.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски најави дека ако ја добијат власта ќе изградат автопат од Битола за метрополата, а за Битола рече дека е од стратешко значење.
„Ќе изградиме автопат по кој од Скопје за Битола ќе се патува за час и половина. Ова значи ново автопатско поврзување од Велес-Чашка-Прилеп па се до Битола, која е од стратегиско значење за Пелагонискиот крај и еден милион граѓани. Ќе го изградиме се она што е започнато, автопатите кои ги започна и предвиде Владата на ВМРО-ДПМНЕ т.е. автопатот Кичево- Охрид и Скопје- Блаце. Се обрзуваме за обнова која ќе донесе 2 милијарди евра инвестиции во патишта, автопати, експресни патишта и регионални“, рече Мицкоски.
Според ова, копјата за претстојните предвремени парламентари избори и тоа како ќе се кршат околу Битола, за која се смета дека одигрува важна улога во сите досегашни изборни циклуси.