На денешното судско рочиште за случајот „Рекет“ како прв сведок на одбраната сведочеше адвокатот Васил Димишков, брат на судијката Весна Димишкова. Таа му одреди притвор на бизнисменот Јордан Камчев за случајот „Империја“.
Камчев, кој е сведок во случајот „Рекет“ во почетокот на процесот тврдеше дека и адвокатот бил вклучен во изнудата на пари во замена за олеснителни околности од сестра му која беше судијка во претходна постапка за „Империја“.
Димишков денеска тврдеше дека бизнисменот преку преку неговата сопруга Ана Камчева и веќе обвинетиот во случајот „Рекет“ Зоран Милевски сакале да го ангажираат во адвокатскиот тим за „Империја“ и на тој начин да влијаат на неговата сестра да и биде одземен предметот.
Тој вели дека веднаш по определувањето на мерката притвор за Камчев го побарале соработниците на бизнисменот и дека се договориле да направи пресметка колку ќе чини неговиот ангажман, но оти, како што рече, сфатил дека сакаат да го искористат па понудил сума која знаел дека нема да му ја прифатат. За поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, обвинета во овој случај, Димишков рече дека не ја познава лично, а за првообвинетиот Бојан Јовановски дека го знае оти бил адвокат за неговата невладина организација Меѓународен сојуз.
На денешното рочиште Јовановски и неговиот адвокат Сашко Дукоски повторно побараа да му се укине притворот во кој се наоѓа околу седум месеци, но обвинителката Вилма Русковска се спротистави наведувајќи дека Јовановски бил приведен „на граница во обид за бегство“. На ова реагираше обвинетиот со тврдење дека одел во Миконос на одмор, а не да бега.
Со сведочењето на Димишков заврши денешното рочиште. Следен сведок на одбраната е бизнисменот и поранешен градоначалник на Центар Владимир Тодоровиќ. Во случајот „Рекет“ обвинети се Јанева и Јовановски. Според обвинението, тие се здружиле за да му земаат пари на бизнисменот Камчев, сведок во „Рекет“ во замена за олеснителни околности во предметот „Империја“ кој тогашното СЈО го водеше за него. Милевски е веќе осуден натри години затвор откако призна вина.