Спасовски: во владата се размислува за повеќе решенија за пасошите

Архивска фотографија- премиерот Оливер Спасовски

Во Владата се размислува во повеќе насоки, а деталите ќе се објават кога ќе биде извесно решението односно кога ќе има одржливо решение, изјави премиерот Оливер Спасовски на денешната прес-конференција на која новинарите бараа информации во врска со актуелното прашање за недостигот на обрасци за патни исправи.

Во однос на едно од можните решенија, што вчера ги најави министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, државата да испрати дипломатски ноти до сите други земји за да се продолжи рокот на оние пасоши чија важност истекла и за оние кои во меѓувреме ќе им престане рокот на важење, Спасовски нагласи дека ако тоа е решение, очекувал Чулев да го достави до Владата.

За премиерот Спасовски, ставот на министерот Чулев дека во Владата недостасува политичка волја да се реши прашањето со пасошите, е најблаго речено, несреќна изјава што може да биде дадена.

„Остварување на тие овластувања што ги има МВР, а е дел од Владата не може да стане збор за немање политичка волја“, рече Спасовски.

Според него, веќе месец и пол функционира оваа Влада, а само пред една недела добила информација дека има проблем со издавање на пасошите.