Ефтимов - Високото образование се распаѓа

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Ефтимов - УКИМ погласно да побара повеќе пари

Меѓународните листи ни покажуваат дека високото образование не им овозможува на младите да го реализираат својот потенцијал. Ние сме осакатени во однос на наши врсници од други држави, затоа што нема доволно квалитетно високо образование, вели во неделното интервју за РСЕ, претседателот на универзитетското Собрание на Универзитетот Свети Кирил и Методиј, Борјан Ефтимов. Тој зборува и за враќањето на доверба кај студентите, студентските домови, храната во мензите, потребата до вложувања во факултетите, нови кадри, иселувањето на младите.

По две години од донесувањето на новиот Закон за високо образование, кој беше инициран преку големите студентски протести во кои своевремено активно учествувавте, деновиве студентите добија свој претставник. Што планирате Вие да смените со оглед дека мандатот ви истекува на крајот од годината?

Во првата година една од основните цели мора да биде да го изградиме идентитетот на студентското претставничко тело, да изградиме доверба кај студентите да го препознаат студентското претставничко тело како свое. Во минатото имаше аверзија. Се уште ги влечеме сенките од минатото од претходните полулегимни, нелегитимни студентски претставнички тела. Иако ова е нов концепт, целосно нов модел, нема никаква формална поврзаност со претходните, сепак студентите гледаат со аверзија кон нас. Ние мора да изградиме доверба, да се отвориме кон студентите, да ги вклучиме студентите преку најразлични механизми во работата на Собранието за да може да ги реализираме нашите цели. Тоа е едната работа, да изградиме доверба и другарски однос со сите студенти.

Втората работа е дека мора активно да се вклучиме во управувањето на Универзитетот, во носењето одлуки, да вршиме притисок да се реализираат интересите и барањата на студентите, тие да се вклучат во креирање на наставните програми, во научно-истражувачката дејност, во оцена на работата на професорите, да иницираат низа барања и проекти кои се од нивен интерес.

Што е со студентскиот стандард? Со застарената опременост на факултетите? Со студентските домови? Со немањето пари за истражувачки проекти? Бевте ли во посета на Природно-математичкиот факултет(ПМФ) по протестот на студентите, кои меѓудругото бараа обновување на застарената опрема. Ги видовте ли состојбите?

Високото образование во Македонија се распаѓа. Инфраструктурата е катастрофална, нема квалитетни амфитеатри, нема квалитетни лаборатории, нема квалитетни читални, ако воопшто има читални, на некои факултети не ни има, лабораториите се од пред 50 години, наставните кадри секоја година се намалуваат и немаме обнова на истите, па така повеќето институти на УКИМ кубурат, имаат недостаток на наставни кадри. Целата ситуација е катастрофална. Ја знам ситуацијата на Институтот за хемија на ПМФ, институтот по хемија е најгласен, треба цел УКИМ да се дигне и да каже јасно и гласно дека нема доволно финансии, дека нема доволно средства и можности да изгради универзитет по најсовремени стандарди и заедно студентите и професорите да бараат повеќе финансии за да не се наоѓаме во оваа ситуација кај што сме сега и да тргнеме напред.

Но планирате ли да го посетите Институтот за хемија и што мислите, како ќе издејствуваат да ги натерате надлежните да почнат да ги решаваат горливите проблеми?

Планираме од Универзитетското студентско собрание да ги посетиме сите факултети и сите институти. Како планираме да извршиме притисок? Универзитетското студентско собрание претставува 30 илјади студенти на универзитетот и уште илјадници други млади луѓе кои во иднина ќе се приклучат во образовниот процес. Но, образованието е од јавен интерес. Така што дефинитивно универзитетското студентско собрание како легитимен и легален претставник на 30 илјади студенти и илјадници други млади луѓе може да издејствува државата да се фокусира на образованието, тоа да стане приоритет и инвестициите во образованието да стане приоритет.

Сте биле ли во студентска менза по истражувањата на Младинскиот образовен форум (МОФ) кое зборуваат дека за подготовка на оброците се трошат по 61 денар за студент дневно?

Не само што сум запознаен со ситуацијата, туку работам, а сакам и студентското универзитетско собрание да се вклучи во измени на законот за студентски закон, односно пишување на нов закон. Преку овој закон ќе бараме да се зголемат финансиските издатоци за државните студентски домови, а со тоа да се унапреди и квалитетот на мензите и на сместувањето и на целокупниот живот во студентските домови.

Каков е според вас квалитетот на високото образование и што треба да направат, професорите, универзитетите, државата во ситуација кога Македонија бележи пад на Шангајската листа на најдобри универзитети во светот?

Меѓународните листи ни покажуваат дека високото образование не им овозможува на младите да го реализираат својот потенцијал. Ние сме осакатени во однос на наши врсници од други држави, затоа што нема доволно квалитетно високо образование.

Прво што државата мора да направи е да инвестира во образованието, без инвестиции во образованието, без зголемување на буџетот за високо образование, кој во просек изнесува 60 проценти од европскиот просек, значи ние сме речиси на половина по инвестициите во образованието кое го имаме во Европа. Да инвестира во научно истражувачка дејност. Да му остави на универзитетот автономија со тие финансии да располага и да се изгради сам. Студентите и професорите преку учествување во управувањето, преку поголема контрола на студентите врз работата на професорите и обратно преку зголемени критериуми за преодни оцени, за дипломи, за магистерски трудови, за научно-истражувачка дејност заедно да изградиме поквалитетен универзитет. Меѓутоа инвестициите во државата се клучни, без инвестиции не можеме да имаме квалитетно образование.

Постојано се зборува дека образованието е одлика на едно општество и дека младите си заминуваат не само од егзистенцијални причини, туку и барајќи подобри услови за студирање. Дали со тоа што младите најмногу гледаат шанса да си заминат во државата со тоа даваат директен одговор на состојбите?

Да, желбата за миграција дефинитивно е одговор на состојбите. Никој не сака да си отиде доброволно од таму кадешто израснал. Има безброј проблеми. Образованието не им ги нуди можностите на нашите млади да си го развијат својот потенцијал. И основното образование и средното се на многу ниско ниво. Меѓутоа не е само образованието, имаме нездрава, неквалитетна животна средина, отсуство на правда, многу проблеми со кои младите се соочуваат и се принудени да ја бараат својата иднина надвор. Ние за една година нема да ги решиме сите проблеми, меѓутоа мора да го поставиме јавниот дискурс да се фокусира на образование, на потребите на младите и да и поставиме темелите од кои подоцна оваа организација за 2-3 години ќе продолжи да функционира и да ги реализира студентските и младинските потреби.