Адвокатот на Асанж тврди дека САД му понудиле помилување

Архивска фотографија- основачот на Викиликс Џулијан Асанж во лондонскиот суд

Адвокатот на Џулијан Асанж вели дека основачот на Викиликс ќе му каже на судијата кога ќе има сослушување за екстрадиција дека му било понудено помилување од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ако јавно каже дека Русија не е инволвирана во протекувањето на електронската пошта на членовите на Демократскиот национален комитет.

Асанж, кој беше уапсен минатата година во Лондон по барање на САД кои од 2010 година го обвинуваат за шпионажа, се бори да не биде екстрадиран. Неговиот случај ќе биде разгледуван во судот идната недела.

За време на прелиминарното сослушување вчера, адвокатот на Асанж Едвард Физџералд рече дека во 2017 година поранешниот републикански конгресмен Дана Рорабахер го посетил неговиот клиент кој се наоѓаше во амбасадата на Еквадор во Лондон. Физџералд му рече на судијата дека другиот адвокат на Асанж, Џенифер Робинсон рекла дека Рорабахер кажал оти го посетува Асанж со инструкции од Трамп дека САД би го помилувале или би му дале друга понуда ако каже дека Русија не била инволвирана во протекување на документите за американските демократи.

Во 2016 година кога Трамп и Хилари Клинтон беа во претседателската изборна трка Викиликс објави илјадници мејлови на демократите. Одговорајќи на тврдењата на адвокатот на Асанж, Белата куќа соопшти дека тие биле целосно неточни.