Црната кутија од украинскиот патнички авион кој беше урнат по грешка минатиот месец е оштетена и Иран нема да ја даде на друга земја и покрај притисоците тоа да го стори, јавија денеска државните медиуми повикувајќи се на изјави на иранските министри.
Иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф рече дека тие имаат право да ја прочитаат црната кутија и да бидат присутни на какво било нејзино испитување. Министерот за одбрана Амир Хатами, пак, наведе дека податоците за летот снимени во кутијата имаат сериозни оштетувања и дека одбранбената индустрија побарала помош за реконструкцијата.
На 8 јануари украински авион Боинг 737-800 по полетувањето од аеродромот во Техеран беше урнат по грешка од страна на Иранската револуционерна гарда. При падот загинаа сите 176 присутни на летот. Од нив 82 ирански државјани, 63 Канаѓани, десет Швеѓани, четворица Авганистанци, тројца Германци и тројца Британци.