ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека СДСМ ја попречува техничката влада

Архивска фотографија- седница на владата

Техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев денеска пред зградата на Основното јавно обвинителство рече дека сака да ја информира домашната и меѓународната јавност дека техничкиот премиер Оливер Спасовски продолжувал да го попречува функционирањето на техничката Влада.

Тој тврди дека на седницата на Владата што се одржала во саботата на 15 февруари со мнозинство гласови бил усвоен предлогот да се поништат пет решенија, што веднаш во координација, како што вели, со дел од службата во Владата и со одобрување Спасовски е објавена во Службен весник. Тој го повика ОЈО веднаш да преземе дејствија.

И потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски на денешната прес конференција одговарајќи на новинарско прашање рече дека целта на СДСМ била да се укине техничката влада, а нивната цел била да се зајакне.

Според Законот за влада опозицијата треба да има двајца министри- за труд и социјала и за внатрешни работи и тројца заменици- во информатичко општество и администрација, земјоделство и финансии.

Собранието викендов, непосредно пред распуштањето, по предлог на Спасовски ја разреши министерката за труд и социјала Рашела Мизрахи бидејќи неколкупати се појави на прес-конференција во МТСП пред табла со името „Република Македонија“, на што реагираше и Грција. Според Спасовски министерката го прекршила Уставот со тоа што не го почитувала Преспанскиот договор и на тој начин ги загрозила евроинтеграциите.