Поранешната министерка Јанкулоска сведочеше во „Монструм“

Архивска фотографија- поранешната министерка за внатрешни работи Горднана Јанкулоска

Крвна одмазда, имотен спор, лична пресметка, биле информациите за убиството на четирите момчиња и рибарот на Смилковското езеро, кои доаѓале до Гордана Јанкулоска која во времето на убиството во 2012 година беше министерка за внатрешни работи.

Таа денеска во нејзиното сведочење во предметот „Монструм” рече дека дел од информациите биле издржани, но дел и веднаш отфрлани. Обвинителката Фатиме Фетаи ја прашуваше Јанкулоска за информации произлезени од таканаречените бомби кои беа пуштани во судот. На прашање дали имала информација пред настанот дека нешто ќе се случи, таа рече дека немала никаква информација.

Пред судот денеска треба да сведочат и поранешниот директор на БЈБ Љупчо Тодоровски и Синиша Алексовски, советник во кабинетот на поранешниот претседател Ѓорге Иванов. Во почетокот на месецов во случајот сведочеше поранешниот премиер Зоран Заев кој рече дека сите таканарачени бомби кои го поседуваше како опозиционер ги предал во поранешното Специјално јавно обвинителство.

Инаку, заради промена на судечкиот совет, судењето за петкратното убиство кај Смилковско езеро беше вратено од почеток, но само формално со пренесување на сите досегашни изјави и изведени докази во новиот записник, со што расправата продолжи од каде што претходно застана.