Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган предупреди дека воената операција во северозападниот сириски регион Идлиб е прашање на време ако силите на претседателот Башар ал-Асад не се повлечат од турските позиции. Оваа изјава предизвика критики од Москва.
Ердоган на пратениците од неговата Партија за правда денеска им рече дека разговорите со Русија, која е најголем поддржувач на режимот на Асад, се далеку од задоволување на барањата на Анкара. Тој рече дека Турција, која ги поддржува бунтовниците кои се борат против режимот на Асад, е посветена да го направи Илдиб безбедна зона, „без разлика на цената“. Тој додаде дека прават подготовки за спроведување на нивниот план во Идлиб.
„Одбројуваме, ги правиме последните предупредувања“, рече Ердоган.
Како реакција на овие изјави портпаролот на Кремљ Димитри Песков рече дека Москва силно се противи на таква операција, но додаде дека двете земји остануваат во контакт за да спречат понатамошна ескалација на тензиите. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, пак, рече дека на руско-турските разговори што се одржаа во Москва на 17 и 18 февруари не бил постигнат договор.