Нов напад врз тимовите за вакцинација во Пакистан

Илустрација: Вакцинирање против полио во Пакистан

Еден полицаец загина, а тројца се повредени во експлозија на бомба поставена на патот чија цел била полициско возило во северозападен Пакистан. Според надлежните, полицајците требало да ги придружуваат здравствените работници кои вршат вакцинација против полио во регионот.

За денешниот инцидент, кој се случи во провинцијата која се граничи со Авганистан, засега никој не ја презеде одговорноста, но Талибанците често ги напаѓаат тимовите кои вршат вакцинација против полио, тврдејќи дека тоа е конспиративен план на западните земји да ги стерилизираат децата.

Нападот се случува и откако Пакистан прогласи тридневна кампања за вакцинирање низ целата земја против тоа заболување. Пакистан, Авганистан и Нигерија се трите земји во светот каде што сè уште се заболува од полио.