Обвинителката Вилма Русковска, која го води случајот „Рекет“, побара јавноста да биде исклучена од денешното рочиште на кое се слушаат снимките од УСБ-то на Зоран Милевски кој е осуден на три години затвор откако призна вина. Русковска ова го побара од судијката Васка Николовска-Масевска поради тоа што се споменувале имиња на лица кои не се вклучени во случајот, па нивниот углед би можело да се повреди.
„Рекет“- се пуштаат снимки обезбедени од ПИ мерки
Минатата недела, кога се презентираа снимки од УСБ-то на Милевски, исто така по барање на Русковска судот одлучи јавноста да биде исклучена поради тоа што разговорите меѓу првообвинетиот Бојан Јовановски- Боки 13 и Милевски биле „сензитивен“.
„Рекет“ денеска затворен за јавноста
Обвинетите поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, Јовановски и нивните адвокати се спротиставија на ваквата одлука тврдејќи дека на снимките нема ништо спорно и дека од нив ќе се дознало кој бил манипулиран. Јанева го замоли судот да дозволи материјалите да бидат изведени пред јавноста, оти немало ништо загрозувачко во нив, а Јовановски, рече дека треба да се дозволи да бидат јавно изведени за да се прекинат шпекулациите во јавноста.
Во случајот обвинети се Јанева и Јовановски. Според обвинението, тие се здружиле за да му земаат пари на бизнисменот Јордан Камчев, сведок во „Рекет“ во замена за олеснителни околности во предметот „Империја“ кој тогашното СЈО го водеше за него.