СДСМ чекори за правда, ВМРО-ДПМНЕ поставува Луј Витон торби

Владејачката партија СДСМ организира марш под мотото „Чекориме за правда“

Правдата доаѓа бавно, ама доаѓа, жедни сме за правда, порача лидерот на СДСМ, Зоран Заев пред комплексот судови во Скопје. На обраќањата пред судовите, претходеше марш за правда во организација на владејачката партија.

Со академско задоцнување од 15-тина минути започна маршот под мотото „Чекориме за правда“, кој беше предводен од раководството на СДСМ. Од пред Собранието до комплексот Судови во Скопје, маршираа довчерашни пратеници, министри, коалициони партнери и поддржувачи на партијата. Од декор имаше македонски знамиња и по некое знаме на Европската унија.

„Сега правосудство е на потег, затоа сме овде. Собранието отвори ново поглавје од правосудството, пратениците застана зад законот кој е темел за правна држава. Со законот нема скриена амнестија за никого, ниту за стари, ниту за нови случаи, сите ќе се соочат со одговорност, нашиот народ е желен за правда, за брза и ефикасна правда“, рече Заев.

Собранието пред да се распушти во тензична атмосфера го изгласа со двотретинско мнозинство Законот за јавно обвинителство. Владата инсистираше на донесување на законот по повиците на меѓународната заедница дека тоа ќе биде позитивен сигнал пред одлуката за почеток на преговори со ЕУ.

„Политичарите нема да може да бираат обвинители, ниту да одлучуваат за предметите, нема веќе тефтерчиња, а тие кои се виновни за старите тефтерчиња ќе одговараат. Судиите, обвинители ослободете се, граѓаните очекуваат правда, на вас е да ја испорачате“, рече Заев.

Тој вели дека граѓаните со право се незадоволни, а незадоволен е и лично тој и СДСМ од испорачаното од правосудството. Како што вели, што било до Владата и до Собранието е сторено, а сега на потег се судиите и обвинителите.

„Можеше да има и побрза правда, но требаше Заев да се јавува, но за тоа ли се боревме? Ние го ослободивме судството, ама будно го следиме, жедни сме и сакаме правда, правдата доаѓа бавно, ама доаѓа“, порача тој.

Пред почетокот на маршот, претседателот на Унија на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Јован Јаулески, на Фејсбук објави фотографии на кое се гледаат поставено Луј Витон ташни пред Судот и пред Владата.

„Кога ќе држи говор Заев да му е тука пред очи симболот на криминалот. И сите негови, а и притиснатите и уценети административци да знаат дека маршираат за спас на милионите на Заев“, напиша тој на Фејсбук.

ВМРО-ДПМНЕ ја користи Луј Витон ташната како симбол за судството, за кое велат дека е оркестрирано од Заев, оти парите што бизнисменот Орце Камчев му ги дава на обвинетиот за случајот „Рекет“, Бојан Јованоски се во таква ташна. Од ВМРО-ДПМНЕ во неколку наврати прашуваа колку од парите кои што се земени од рекетот во Луј Витон ташна завршиле кај Зоран Заев.

Бојан Јовановски, познат како Боки 13, и поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева се обвинети дека изнудувале пари од осомничени бизнисмени. Опозицијата обвинува дека тие биле поврзани со власта, но СДСМ негира.