Столтенберг го отфрли барањето Франција да биде центар на европската одбрана

Архива - генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ги отфрли барањата на францускиот претседател Емануел Макрон да го стават француското нуклеарно одвраќање во центарот на европската одбранбена стратегија, велејќи дека САД и Британија веќе обезбедуваат ефикасен безбедносен чадор.

„Треба да запомниме дека денеска имаме Европско нуклеарно одвраќање – 28 сојузници го испорачуваат тоа секој ден и тоа не е само ветување, туку е нешто што е таму со децении“, изјави денеска Столтенберг за новинарите на безбедносната конференција во Минхен.

„Тоа е испробано и тестирано, ние го практикуваме и е институционализирано и тоа е крајната гаранција за безбедност во Европа“, рече Столтенберг кој исто така Франција ја нарече „високо ценет сојузник“ чии нуклеарни способности придонесуваат за целокупната безбедност на НАТО.

Макрон се залага за ремонт на безбедносните и одбранбените прашања на Европската унија како одговор на заминувањето на Британија од блокот.

По Брегзитот, Франција е единствената нација во ЕУ со нуклеарен арсенал, а Макрон прави притисок за европска „стратешка автономија“ – можност за одбрана на континентот без да се потпира на Вашингтон иако тој ја изрази својата посветеност на НАТО.

Во клучниот говор минатата недела Макрон повика на дијалог меѓу членките на ЕУ за тоа каква улога може да игра француското нуклеарно одвраќање.

Франција е членка на НАТО, но нејзиното нуклеарно оружје не му е ставено на располагање на НАТО.