Во тек е расправата на 135. собраниска седница која почна попладнево за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за советот на јавни обвинители. И денешната седница почна тензично, слично како и вчерашната на која се расправаше за Предлог-законот за јавно обвинителство.
Пратениците на опозицијата зборуваа дека овие закони се селективни и оти со нив треба да овозможи да бидат спасени од правото и правдата претставниците на актуелната власт, особено лидерот на СДСМ Зоран Заев, но тие велеа и дека Македонија е земја на неправдата и корупцијата и оти е станата мафијашка држава.
Тие упатуваа и забелешки дека предлагач на Законот за советот на јавни обвинители меѓу другите предлачи, е заменик-министерот за локална самоуправа, што според нив е несоодветно.
Според пратениците кои се дел од владејачкото мнозинство, целта на законот е да се зголеми професионалноста на членовите на Советот на јавни обвинители. Но, пратениците на опозицијата сметаат дека предлог-законот не е добар.
Претседателот на Собранието Талат Џафери вчера доцна синоќа ја прекина оваа 135. седницата на која заврши расправата за Предлог-законот за јавно обвинителство, без за него да се гласа и соопшти дека гласањето ќе се спроведе кога ќе се обезбеди потребното мнозинство.
За донесувањето на Законот за јавно обвинителство потребно е да гласаат 80 пратеници, однсоно со двотретинско мнозинство.
На интернет страницата на Собранието за денеска во 17 часот е закажана и 123. седница, на која на дневен ред е ставен Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за одбрана и уште триесетина закони, меѓу кои и измените на Изборниот законик.