Пратеници за пет години потрошиле речиси три милиони евра за патни трошоци

Илустрација

Извештајот од анализата на патните трошоци на пратениците во периодот од 2015 до 2019 година што денеска Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) го презентираше покажува дека вкупниот трошок во овие пет години е 2.895.605 евра.

Членот на ДКСК Катица Николовска образложувајќи ја анализата рече дека се гледа тенденција на намалување на трошоците за превоз. Таа рече дека во 2015 година исплатените надоместоци на пратениците во Собранието за користење на автомобил се 770.883 евра, во 2016 – 698.797 евра, 2017 – 512.000, 2018 – 522.930 евра и 2019 година – 390.993 евра.

Комисијата констатира и дека во анализираниот период, 23 пратеници имаат сопствени станови или станови на име на членови од нивното потесно семејство кои се лоцирани во Скопје, а и покрај тоа тие пратеници примале надоместоци за користење автомобил за доаѓање и враќање на работа, односно за патување до Скопје и назад.

Николовска вели дека висината на надоместот на закупнина на стан за пратениците изнесува 400 евра месечен бруто износ, а надоместот следува врз основа на писмено барање кое содржи лична изјава заверена кај нотар дека барателот нема во сопственост или под закуп стан или куќа, во површина најмалку од 80 метри квадратни во Скопје.