Македонскиот државјанин од бродот во Јапонија има блага форма на коронавирус

Илустрација- патници на бродот „Дајмонд принцес” кој е на пристаништето во Јокохама од 3 февруари

Македонскиот државјанин на патничкиот брод „Дајмонд принцес”, закотвен во пристаништето во јапонскиот град Јокохама кој има коронавирус, има блага форма на заболувањето и е транспортиран во болница во градот, информира денеска д-р Гордана Кузмановска од Институтот за јавно здравје. Тој е ден од тројцата македонски државјани кои се на бродот како дел од екипажот.

Кузмановска рече дека за состојбата на тројцата редовно комуницираат преку меѓународниот здравствен правилник со нивните колеги од Јапонија и добиваат известувања за здравствената состојба.

„Се работи за блага форма на заболување, меѓутоа со оглед на рутинските процедури, овој наш граѓанин е транспортиран во болница во Јокохама и таму е на лекување“, потенцира д-р Кузмановска.

Во меѓувреме јапонското министерство за здравство денеска соопшти дека нови 44 случаи на коронавирус се потврдени на патничкиот брод вкотвен во пристаништето од трети февруари. Во бродот во кој има 3500 патници и членови на екипажот досега се потврдени 218 случаи на заболени од коронавирус, додека 713 луѓе се тестирани. Министерот за здравство на Јапонија Кацунобу Като рече дека владата одлучила да им дозволи на патниците повозрасни од 80 години да го напуштат бродот откако им било утврдено дека немаат вирус.