Помпео со писмо до Курти: Укинувањето на таксите е приоритет

Архивска фотографија- американскиот државен секретар Мајк Помпео

Американскиот државен секретар Мајк Помпео испрати писмо до новоизбраниот косовски премиер Албин Курти, во кое му честита за формирањето влада, но и посочува дека укинувањето на таксите на производи од централна Србија и Босна и Херцеговина треба да биде приоритет.

“Укинувањето на таксите на стоки од Србија и Босна и Херцеговина ќе биде важно поради враќањето на земјите на преговарачка маса. Се надеваме и очекуваме дека ова ќе го направите како приоритет и ќе го искористите моментот создаден со писма со намери за воспоставување воздушни и железнички врски помеѓу Приштина и Белград“, наведува Помпео во писмото.

Тој оценува дека сега е време да се реализира „сеопфатна нормализација на односите со Србија, фокусирана на взаемно признавање“, за која вели дека е од витално значење за „целосна меѓународна интеграција на Косово“.

„САД ќе ви дадат поддршка во овој процес“, порача Помпео.

Исто така се додава дека САД ја поздравуваат посветеноста на Курти во борбата против корупцијата.