Вкупно 11 обвиненија за бугарскиот тајкун Божков

Архивска фотографија- бугарскиот бизнисмен Васил Божков

Против бугарскиот бизнисмен Васил Божков, кој е уапсен во Обединетите Арапски Емирати, се покренати уште две обвиненија – за трговија со влијание и за поседување и отуѓување на антиквитети. Со тоа бројот на обвиненија против него достигна 11, изјави портпаролката на бугарскиот Јавен обвинител, Сијка Милева.

Божков, кој избега од Бугарија пред две недели е уапсен во Абу Даби. Тој започнал постапка во странска земја за помош и застапување пред локалните судски власти, со цел да биде ослободен од притвор.

Божков избега од Бугарија во почетокот од овој месец. Меѓу обвиненијата покренати против него се и предводење на организирана криминална група, за принуда, изнудување, за обид за поткуп на службено лице. Некои материјали за бугарскиот тајкун содржат и информации за други незаконски дејствија – убиства, принуда и силување, за кои е покрената нова предистражна постапка.

Во почетокот на месецов на аеродромот во Виена беше уапсен и неговиот соработник, бизнисменот Борис Бекијаров. Директорот на Комисијата за игри на среќа, Александар Георгиев, кој, беше приведен во Софијапризна дека го заштитувал бизнисот на Божков. Според бугарското Обвинителство, организираната криминална група, предводена од Божков, дејствува низ цела Бугарија од 2014 година.