Потврден коронавирус кај еден од македонските државјани на бродот во Јокохама

Јапонија- луѓе во заштитни костими излегуваат од бродот вкотвен во Јокохама

Еден од македонските државјани кои се наоѓаат на патничкиот брод вкотвен во Јокохама, Јапонија заболел од коронавирус, соопшти денеска македонското министерство за надворешни работи. Од таму информираат дека тој е хоспитализиран во здравствена установа во Јапонија.

„Амбасадата на Република Северна Македонија во Токио е во комуникација со споменатиот македонски државјанин. Воедно, амбасадата на дневна основа комуницира и со останатите двајца македонски државјани кои сѐ уште се наоѓаат на бродот во Јокохама и кои изјавуваат дека се чувствуваат добро и досега не пројавиле симптоми кои може да укажуваат на присуство на коронавирусот“, информираа од МНР.

Тројцата Македонци кои се на бродот се дел од екипажот. Во меѓувреме јапонското министерство за здравство денеска соопшти дека нови 44 случаи на коронавирус се потврдени на патничкиот брод вкотвен во пристаништето од трети февруари. Во бродот во кој има 3500 патници и членови на екипажот досега се потврдени 218 случаи на заболени од коронавирус, додека 713 луѓе се тестирани. Министерот за здравство на Јапонија Кацунобу Като рече дека владата одлучила да им дозволи на патниците повозрасни од 80 години да го напуштат бродот откако им било утврдено дека немаат вирус.