Според соопштението од вчерашниот состанок на Извршниот Комитет на ВМРО ДПМНЕ, нема конкретна одлука за тоа дали нивните пратеници ќе ја напуштат работата на Собранието, нешто што вчера го навести како можност лидерот на партијата Христијан Мицкоски.
Тој вчера изјави дека не гледа причина за натамошно учество на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Парламентот поради отстапувањето од политичкиот договор, на 12 февруари да биде распуштено Собранието.
Во партиското соопштение од седницата на Извршниот комитет се наведува дека се расправало за актуелната општествено политичка состојба и подготовката на партијата околу предвремените парламентарни избори.
„ИК на ВМРО ДПМНЕ смета дека со вчерашните настани во собранието и материјалот доставен од свиркач практично се докажува дека мозокот на операцијата Рекет е токму Зоран Заев. Јасно е дека Зоран Заев бил финансиер на телевизијата на главноосомничениот за Рекет Јовановски и дека Заев точно знаел и бил упатен и за најситните детали од рекетот“, наведува партијата.
„12 април е денот кога мора да се одржат предвремените парламентарни избори за крај на кризата и за крај на политичката кариера на Заев“, наведува ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека ќе го следи развојот на ситуацијата и ќе реагира во одбрана на демократијата, интересите на граѓаните и државата.
Инаку распуштањето на Собранието, првично најавено за вчера, се одложи поради обидот на власта да се донесе Законот за јавно обвинителство, кој претставниците на меѓународната заедница неколкупати го споменаа како важен, но не и услов за европските интеграции. Според претседателот на Собранието Талат Џафери, кој рече дека се консултирал со Државната изборна комисија, крајниот рок да се распушти Собранието, а да не се одложат изборите договорени за 12 април, е 16 февруари.