Рекорден број на починати и заразени од коронавирусот

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Драстично зголемен бројот на починати и заразени од коронавирусот

Хубеи - кинеската провинција во епицентарот на појавата на коронавирусот објави рекорден пораст на бројот на починати. Зголемениот број, според некои, се должи на новиот метод на дијагностицирање на инфекцијата. Во меѓувреме, Пекинг разреши двајца локални партиски лидери по критиките за нивните потези во решавањето на кризата.

Здравствените власти во покраината Хубеи соопштија дека 242 луѓе починале од вирусот на грип во средата, што е најбрз пораст на дневниот биланс откако вирусот е забележан во декември.

Досега вкупниот број на смртни случаи во покраината достигна 1.310.

Претходниот најголем дневен пораст беше 103, на 10 февруари.

Само за еден ден беа пријавени и над 14.800 случаи на заразени.

Сега вкупно во Кина ги има околу 60.000.

Ден претходно беа забележани само 2.015 нови случаи за 24 часа.

До ова доаѓа откако во провинцијата започна да се користи скенирање со компјутерска томографија во барањето знаци на вирусот.

Претходниот начин бил премногу бавен, а користењето на побрзи скенирања што откриваат инфекции на белите дробови, ќе им помогне на пациентите да добијат третман што е можно поскоро.

Откако Кина ја објави најмалата бројка на нови случаи за две недели, дојде и до некои прогнози дека епидемијата може да заврши до април.

Но, Светската здравствена организација во средата предупреди дека е „премногу рано“ да се каже дали коронавирусот сега со името КОВИД-19 можеби достигнал врв или кога би можел да заврши.

Шефот на програмата за итни здравствени случаи Мајкл Рајан изјави:

„Треба да се фокусираме врз задачата. Задачата е да го задржиме вирусот, да откриваме случаи, да ги лекуваме случаите, ако продолжиме да ги правиме тие работи, да, може да забележиме пад на бројот на случаи, но мислам дека е така премногу рано за да се предвиди почетокот, средината или крајот на оваа епидемија“.

Со најавената голема претпазливост во проценките дојде и најавата од Светската здравствена организација дека забрзано се работи на вакцина против КОВИД-19.

Главниот научник на оваа организација Сумиа Сваминатан смета дека ефикасен лек би можело да има за три до четири месеци.

„Веќе има четири вакцини во развој и веројатно е дека една или две ќе бидат испитувани на луѓе за околу три до четири месеци од сега, така што само по себе тоа би било многу брз напредок“.

Светската здравствена организација ја пофали Камбоџа што се согласи да му дозволи влез на американскиот патнички брод што е одбиен од повеќе азиски пристаништа поради стравувањата од коронавирусот.