Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев денеска на прес конференција рече дека постојат индиции и материјални докази дека во МВР во времето на претходниот министер Оливер Спасовски незаконски се спроведувале постапки и се склучувале договори. Чулев рече дека се соочуваат со сериозен проблем и застој со издавањето на личните документи, а особено на патните исправи и тоа, како што рече, е последица на несовесно работење од минатото, но и отвора сомнежи за прекршувања на процедури и законски норми.
„Постојат инцидиции со материјални докази кои велат дека се спроведувале постапки спротивно на законот и за истите се склучувале договори во тек на постапка за јавна набавка, се менувале членови на комисии, се случувале рамковни спогодби и скоро секогаш се излегувало надвор од предвидената финансиска рамка, се воделе тендерски постапки без претходно да биде изведена тендерска спецификација“, рече Чулев.
Додека јас бев во Министерството за внатрешни работи немаше никакви проблеми ниту со пасошите, ниту со личните карти, му одговори премиерот Спасовски на министерот Чулев порачувајќи му „да седне и да си го реши проблемот“.
„За се што има постојат документи, а органите нека истражат се што е правено и како е правено. Се што е направено е направено во интерес на граѓаните врз основа на една легална и законска процедура“, рече Спасовски на прес-конференцијата во Владата, одговарајќи на новинарско прашање.