Судењето за „Таргет-Тврдина“ затворено за јавноста

Архивска фотографија- Сашо Мијалков и Гордана Јанкулоска во суд за случајот Таргет - Тврдина

Во Кривичниот суд во Скопје, денеска продолжи судењето за предметот „Таргет-Тврдина”, но рочиштето ќе биде затворена за јавноста, од причина што ќе сведочат вработени од поранешната Управа за безбедност и контраразузнување УБК. Застапниците на обвинението изјавија дека и следните рочишта ќе бидат затворени за јавноста токму од оваа причина.

Предметот е во фаза во која сведоци даваат изјави. Досега во оваа постапка имаат сведочено свиркачите Звонко Костовски и Ѓорѓи Лазаревски, поранешниот директор на УБК, Зоран Верушевски, поранешниот премиер Зоран Заев и други лица.

Обвинети во овој предмет за нелегално прислушување се Сашо Мијалков, поранешен директор на УБК, Гордана Јанкулоска, поранешна министерка за внатрешни работи и други лица од УБК. Според обвинението за Таргет-Тврдина преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски следела 4.286 телефонски броеви без да бидат издадени судски наредби.